Насмевка и солза. Ден и ноќ. Лето и зима. Љубов и омраза. Имам прочитано многу, дури и премногу мисли и зборови за овие вториве именки. Имам слушнато многу песни и стихотворби.. Поеми. Имам видено доволно за да разберам дека колку повеќе внимание им посветуваме, толку повеќе истите тие се вгнездуваат во нашите животи. Влегуваат длабоко во духот на народот, и нивните корења се повеќе и повеќе се задебелуваат. Повредени и несреќни; неостварени желби и скршени визии.. Ако не сакаме да сме тажни, зошто ли сè уште зборуваме за тага?

Ние сме среќни. Ние сме храбри и решителни. Нас не може никој да не запре. Зар има дете кое никогаш не ги изговорило, или барем помислило овие зборови? На игралиштето додека вашиот тим водеше во фудбал? Во средина на играта со снежни топки? Пред почетокот на училишната приредба? Верувам дека сите ние сè уште ги поседуваме овие навидум апстрактни зборови, и ако побараме доволно длабоко во нас, ќе ја најдеме храброста и решителноста, ќе ја најдеме светлината, ќе ја најдеме среќата.

Не. Не велам дека треба да лажеме, дека треба да се преправаме дека сме среќни. Велам дека за да бидеме среќни треба да бидеме храбри и да не дозволиме ништо да не запре. Да престанеме да собираме во себе, веќе да не таложиме чувства и мисли кои на крајот на денот повторно ќе ни наштетат нас. Велам да плачеме кога ни се плаче и да кршиме кога сме скршени; да зборуваме кога имаме што да кажеме и да викаме на сиот глас кога душата не боли. Само така, ако секогаш ги исфрламе отровите од нас веднаш штом го почувствуваме нивното присуство во нашите гради, ќе можеме да сме вистински среќни. На крајот, кога сонцето ќе зајде и темнината ќе надвисне над високите планини, детето кое го поминало денот играјќи си со своите другарчиња ќе замине в кревет со насмевка. Нема ни да се потсети на крвавото колено бидејќи е веќе заздравено. Лек биле солзите. Солзите исплакани тогаш, истите тие солзи кои се сосема заборавени сега.

 

Ако сакаме да сме среќни, зошто не почнеме да зборуваме за среќа?

Olivera Kamenarovska

Author Olivera Kamenarovska

More posts by Olivera Kamenarovska

Leave a Reply